Safiye Karabacak, Ekrem Biçeroğlu
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Палестинскиот аниматор Феда Талал ед-Даур, кој ги загуби своето семејство и својот дом во израелските напади врз Појасот Газа, сега работи како кловн за барем малку да им ги ублажи траумите на децата од крвавите судири, пишува Анадолу.
Децата патат најмногу поради нападите кои започнаа во октомври 2023 година, а кои продолжуваат во Газа и покрај прекинот на огнот.
Уништени се нивните училишта, домови, паркови и простори за игра, а со тоа под урнатините згасна и радоста на преживеаните палестински дечиња.
Даур, кој работи како аниматор речиси 15 години, секојдневно се шминка пред огледалото и го облекува својот кловновски костим со единствена цел – да им ја врати насмевката на децата кои заборавиле да се смеат и да им помогне да ги надминат воените трауми.
Како што вели самиот Даур, насмевнувањето на децата и хранењето на неговата бела мачка се меѓу најважните нешта за него во животот.
- Веќе 15 години им носи насмевки на децата -
Во изјава за Анадолу, Даур рече дека е аниматор кој работи со деца повеќе од 15 години.
Споделувајќи дека го загубил своето семејство во израелските напади и дека по нападот се освестил во болницата „Ал Ариш“ во Египет, Даур рече:
„Бев во кома. Кога се освестив, прашав како сум бил повреден. На интернет ми покажаа фотографија од мене како паѓам од петтиот кат“.
Кога почнал да закрепнува, Даур дознал дека неговата сопруга, ќерка и син загинале: „Многу плачев. Потоа се обидов да се смирам, се посветив на молитва и богослужба.“
За да може повторно да работи како аниматор, тој морал одново да ги набави играчките и реквизитите за боење кои му биле уништени во воздушните напади.
- „Утеха наоѓам во мојата мачка“ -
Наведувајќи дека при враќањето од Египет во Газа, покрај боите и играчките, со себе ја зел и мачката која му правела друштво околу една година, Даур рече:
„Извадив пасош и официјални документи за мојата мачка. На контролните пунктови неколку пати ни правеа проблеми, но успеав да ја вратам со мене. Мојата мачка беше на моето рамо во текот на целиот пат.“
Појаснувајќи дека ја зел мачката кога излегол од болница, Даур рече: „Ги загубив сопругата, ќерката и синот и многу ми недостигаат. Но, она што го имам сега ми дава сила да продолжам понатаму. Утеха наоѓам во мојата мачка која ја зедов по излегувањето од болница.“
Нагласувајќи дека одлучил повторно да им се врати на анимациите за децата, Даур рече: „Потребно е сите да бидеме обединети за да им дадеме надеж и сила на децата. Мора да им дадеме сила, надеж и радост на децата и да ги вратиме во состојбата во која беа пред војната. Чекор по чекор, ќе ги направиме децата подобри отколку што се сега. Она што се случи и што се случува досега во Појасот Газа е целосно уништување за децата, жените, младите и мажите. Мора да бидеме обединети за да одиме напред.“