Betül Yılmaz
04 Март 2025•Ажурирај: 05 Март 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) – Портпарол на израелската Влада денес изјави дека Владата на Бенјамин Нетанјаху не ја исклучува можноста за прекин на снабдувањето со вода и електрична енергија за Појасот Газа како средство за притисок врз палестинската група Хамас, јавува Анадолу.
„Колку подолго Хамас продолжува да одбива, толку поголема предност ќе има Израел“, изјави портпаролот на Нетанјаху, Омер Достри, за локалното радио 94ФМ.
„Имаме серија мерки за притисок врз Хамас. Исто така, се подготвуваме воено за повторно започнување на борбите и не ја исклучуваме можноста за прекин на водоснабдувањето и снабдувањето со електрична енергија во Газа“, додаде тој.
Тој нагласи дека Израел „целосно се координира со САД и сака да даде шанса да се вратат што е можно повеќе живи заложници“.
Нетанјаху одбива да влезе во преговори за втората фаза од договорот за прекин на огнот и размена на затвореници, инсистирајќи на продолжување на првата фаза.
Израелската Влада во неделата ја запре испораката на хуманитарна помош за Газа, веднаш по завршувањето на првата фаза од договорот за прекин на огнот.
Хамас одби да продолжи под овие услови, барајќи од Израел да се придржува кон договорот за примирје и веднаш да започне преговори за втората фаза, која вклучува целосно израелско повлекување од Газа и целосен прекин на војната.
Израелскиот јавен радиодифузер КАН, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Израел планира да спроведе ескалациска стратегија против Газа во рок од една недела, која вклучува прекин на електричната енергија, атентати и раселување на Палестинците од северниот дел на Газа кон југ.
Во израелските напади што започнаа во октомври 2023 година убиени се речиси 48.400 Палестинци, меѓу кои најмногу жени и деца, а над 111.000 други се повредени. Нападите ја оставија енклавата во урнатини и беа привремено запрени со примирјето и договорот за размена на затвореници што стапи на сила на 19 јануари.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.