Ahmed Asmar
19 Декември 2024•Ажурирај: 20 Декември 2024
РАМАЛА (АА) – 80-годишна Палестинка е смртно застрелана денес, а уште две лица се повредени од оган на израелската војска на окупираниот Западен Брег, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Министерството за здравство објави дека 80-годишна жена била застрелана во градите и ногата и починала од раните за време на израелска рација во бегалскиот камп Балата во градот Наблус во северниот дел на Западниот Брег.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека се повредени уште две лица, меѓу кои и еден 65-годишен маж, кој бил застрелан во грбот.
Според очевидците, израелските сили упаднале во кампот рано утрово, предизвикувајќи судири со гневните жители.
Во текот на изминатите неколку години, израелската војска спроведува редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците се насилно напаѓани и од илегалните еврејски доселеници.
Најмалку 817 Палестинци оттогаш се убиени, а речиси 6.500 се повредени од оган на израелската Армија на окупираната територија, според Министерството за здравство.
Ескалацијата се интензивира по јули кога Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на палестинската територија од страна на Израел за „нелегитимна“ и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим (Источен Кудс).