Mustafa Deveci
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската полиција го приведе Аднан Гајс, гувернер на Ерусалим (Кудс) при палестинската администрација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според локалните извори, израелската полиција изврши рација во домот на Гајс во населбата Силван во окупираниот Источен Кудс, во чии рамки беше приведен гувернерот на Ерусалим.
Израелската полиција сѐ уште не излезе со изјава во врска со причината за приведувањето на Гајс.
Исто така, и на 14 октомври израелската полиција изврши рација во домот на гувернерот на Ерусалим, и тогаш, како и сега, беше приведен гувернерот.
Гајс веќе околу три години е гувернер на Ерусалим, а во овој период беше приведен 13 пати од страна на израелските сили.
Израелските сили често вршат рации во окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим, и со различни тврдења приведуваат Палестинци.
По приведувањата кои станаа вообичаени на Западниот Брег и Источен Ерусалим, дел од Палестинците, меѓу кои жени и деца, со денови се држат во центрите за притвор.