Ahmed Asmar
31 Јануари 2025•Ажурирај: 01 Февруари 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) – Цената на израелската војна против Газа достигнаа 42 милијарди долари, во просек 83,8 милиони долари дневно, пренесува Анадолу.
Израелскиот весник „Једиот Ахронот“ објави дека заклучно со средината на јануари војната чинела 150 милијарди шекели (42 милијарди долари), цитирајќи го Гил Пинчас, економски советник на началникот на Генералштабот на израелската армија и шеф на Одделот за буџет во Министерството за одбрана.
Весникот наведува дека просечно дневно војната во Газа чинела приближно 300 милиони шекели (83,8 милиони долари).
Исто така, се истакнува дека „една ноќ на одбрана на небото на Израел со помош на меѓународната коалиција против иранскиот ракетен напад нѐ чинеше 1 милијарда шекели (279 милиони долари).
На 1 октомври, минатата година, Иран лансираше околу 180 балистички ракети врз Израел, за што Техеран рече дека е одмазда за атентатите на лидерите на Хезболах и Хамас и на командантот на Иранската револуционерна гарда.
„Једиот Ахронот“ додаде дека „најголемата расходна ставка во буџетот за одбрана е финансирањето на резервната армија, кое достигна 45 милијарди шекели (12,5 милијарди долари).“
На 19 јануари стапи во сила договорот за прекин на огнот и размена на затвореници помеѓу Хамас и Израел, кој првично ќе трае 42 дена, за време на кои ќе продолжат преговорите за следните фази на договорот. Договорот е посредуван од Египет и Катар, со поддршка од САД.
Во израелската геноцидна војна врз Газа од 7 октомври 2023 година убиени се над 47.400 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Во војната се исчезнати повеќе 11.000 лица, а уништувањата и хуманитарната криза резултираа со смрт на многу стари лица и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет и за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Појасот Газа.