Betül Yılmaz
20 Август 2025•Ажурирај: 21 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот министер за национална безбедност од крајната десница, Итамар Бен-Гвир, ги принуди палестинските затвореници во израелските затвори да го гледаат масовното уништување предизвикано од израелската армија во Појасот Газа како казнена мерка, јавува Анадолу.
„Тоа е она што затворениците треба да го гледаат секој ден“, рече Бен-Гвир, посочувајќи на фотографиите од уништувањето закачени на ѕидовите на израелскиот затвор, како што се гледаше на видеата што кружеа на интернет.
Од почетокот на израелската воена офанзива во октомври 2023 година во Газа се убиени повеќе од 62.100 Палестинци, а енклавата се соочува со уништување и глад.
„Се надевам дека сите ќе ги видат своите куќи тука“, рече Бен-Гвир.
Неодамна во јавноста беше објавено уште едно видео на кое се гледа како Бен-Гвир му се заканува на високиот лидер на Фатах, Мерван Баргути, во затворот „Рамон“, каде е затворен од 2002 година поради неговата наводна улога во нападите за време на втората Интифада.
Портпаролот на Обединетите нации, Стефан Дужарик, го оцени видеото како вознемирувачко и потсети дека сите затвореници мора да бидат третирани во согласност со меѓународното право и со почитување на нивното човечко достоинство.
Според Палестинското друштво на затвореници, Израел до почетокот на август затворил над 10.800 Палестинци. Меѓу нив има 49 жени, 450 деца и 2.378 лица класифицирани како „нелегални борци“.
Во овие бројки не се вклучени затворениците сместени во израелските воени кампови ниту затворениците од Либан и Сирија.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.