Haydar Hadi
22 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
БАГДАД (АА) - Ирачкото министерство за нафта најави почеток за изградба на нова рафинерија во југоисточниот регион Мајсан која ќе има производен капацитет од 150.000 барели дневно, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на министерството Асим Џихад во пишано соопштение истакна дека работата на темелите на новата рафинерија ќе започне оваа недела, а за изградба на рафинеријата ќе бидат задолжени компании од Кина и Швајцарија.
Истакнувајќи дека станува збор за изградба на рафинерија за производство на висококвалитетни нафтени деривати, Џихад рече дека тендерите за изградба и управување со компанијата ги добиле странски фирми и дека ирачката влада нема да има потреба од вложување додатни средства во тој проект.
Додаде и дека новиот проект ќе обезбеди нови 2.000 работни места во Мајсан, но и работа за помалите ирачки фирми кои ќе работат како производители на проектот.