Rania R.a. Abushamala
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека Соединетите Американски Држави, како домаќини на Светското првенство во фудбал под покровителство на ФИФА, се обврзани да издадат визи за иранската фудбалска репрезентација, без оглед на политичките несогласувања меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, синоќа изјави дека Техеран ги вложува „сите можни напори“ за да биде сигурен дека нема да се појават никакви проблеми за иранската репрезентација за време на нејзиното учество на Светското првенство во САД.
„Нашите репрезентативци ќе отпатуваат во САД исклучително поради Светското првенство”, рече Багаи по одржувањето на домашниот подготвителен натпревар, пренесува иранската новинска агенција „Мехр”.
Тој додаде дека земјата домаќин на Светското првенство има „јасна и конкретна обврска што е должна да ја исполни”, нагласувајќи дека визите за членовите на иранскиот тим мора да бидат издадени „без притоа да се земаат предвид политичките прашања“.
Багаи, исто така, изрази надеж дека ФИФА би ги презела сите потребни мерки „за да го задржи својот кредибилитет”, додавајќи дека последните случувања во врска со иранската репрезентација „не се достојни за ФИФА“.
Тој истакна дека Иран ќе ги искористи „сите расположливи капацитети“, со цел да го олесни процесот и да ги реши сите прашања поврзани со учеството на репрезентацијата.
Укажувајќи на непостоечките дипломатски односи меѓу Иран и САД, Багаи наведе дека Канцеларијата за заштита на иранските интереси во Вашингтон е целосно подготвен да ја даде сета неопходна помош.
На прашањето во поглед на преговорите, Багаи одби да коментира, велејќи:„ Засега сме фокусирани на спортот.“
Светското првенство 2026 ќе биде заеднички организирано од САД, Канада и Мексико, во периодот од 11 јуни до 19 јули.
Според распоредот, Иран треба да одигра два натпревара во Лос Анџелес, против Нов Зеланд на 15 јуни и против Белгија на 21 јуни, а на 26 јуни ќе се соочи со Египет во Сиетл.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика одмазднички напади од страна на Техеран и прекини во поморскиот сообраќај во Ормускиот Теснец.
Договорот за прекин на огнот стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, но со преговорите во Исламабад не се постигна траен договор. Подоцна прекинот на огнот беше продолжен од страна на американскиот претседател Доналд Трамп без утврден рок.