Ahmet Dursun
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
АНКАРА
Иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Емир Абдулахијан, истакна дека нуклеарните преговори во Виена се движат во вистинска насока и дека може да се постигне договор во блиска иднина доколку западните страни покажат „добра волја и сериозност“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската официјална агенција ИРНА, министерот за надворешни работи Абдулахијан по настанот на кој присуствувал во главниот град Техеран, одговарал на новинарските прашања во врска со тековните нуклеарни преговори во Виена, главниот град на Австрија.
Наведувајќи дека разговорите се позитивни, Абдулахијан рече: „Нуклеарните преговори се на вистинскиот пат. Во моментов важно е да се стигне до заедничкиот текст на кој се фокусира нашиот преговарачки тим. Другата страна се фокусира на прашањата за кои не се согласуваме.“
Посочувајќи дека Европската Унија презела активна улога во преговорите, Абдулахијан додаде: „Може да се постигне добар договор за сите во блиска иднина ако спротивставените страни со добра волја и сериозност ги продолжат преговорите.“
Од друга страна, на прашањето за Јемен, иранскиот министер за надворешни работи рече: „Сметаме дека треба да се формира влада со учество на сите јеменски групи во оваа земја за да се зачува националното единство и територијалниот интегритет на Јемен.“
Меѓу другото, Абдулахијан истакна дека во блиска иднина ќе биде назначен нов амбасадор во Јемен, наместо Хасан Ирлу, кој го загуби животот поради Ковид-19.