Haydar Hadi
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Ирачкиот Парламент го разреши од должност гувернерот на градот Киркук, Неџмедин Керим, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од ирачкиот Парламент се наведува дека премиерот на земјата, Хајдар ал Абади, денес упатил барање до Парламентот, за отповикување на гувернерот на Киркук, што потоа беше изгласано во Парламентот.
Одредени пратеници и политички кругови во Багдад упатија барање за разрешување од должност на гувернерот на Киркук, првенствено поради изјавите и ставовите кои се однесуваат на планираниот референдум на 25 септември, во Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY).
Гувернерот Керим претходно ги собра сите курдски преставници во Покраинското собрание, и донесе одлука за поставување на знамето на Регионалната курдска управа на сите официјални институции.
Локалното собрание подоцна изгласа и Киркук да се вклучи во планираниот референдум, а гувернерот Керим при гласањето се сврте кон претседателот на Собранието, кој е од редот на Курдите, и алудирајќи на Туркмените и Арапите, изјави: „Подоцна ќе ги избркаме сите“.
Гувернерот е претходно обвинет дека сместил 200 вооружени лица поврзани со терористите на ПКК, во воената база во Киркук.
Статусот на Киркук чека на решение уште од 2003 година, од американската инвазија на Ирак, кога курдските сили во северен Ирак презедоа контрола во градот и кога многубројно курдско население се досели во градот.
Уставот на Ирак, кој е усвоен во 2005 година, во член 140 предвидува дека статусот на Киркук ќе се одреди со референдум кој ќе биде организиран откако жителите прогонети во периодот на владеењето на Садам Хусеин ќе се вратат во градот и откако ќе се изврши попис на населението.
Официјален Багдад тврди дека власта во регионот на Киркук е под ингеренција на ирачката Влада, додека локалното курдско насление и владејачката Унија на курдски патриоти сакаат регионот да се припои кон Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак.
Туркменското и арапското население и политичките партии се противат на тој план и бараат на Киркук да му се даде специјален статус во Ирак.