Haydar Karaalp
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
БАГДАД (АА) - Ирачкиот претседател Бархам Салих разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп во врска со прашањето за присуството на странските воени сили во таа блискоисточна земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Кабинетот на ирачкиот претседател е соопштено дека Салих се состанал со американскиот колега Трамп во рамките на Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос.
Во соопштението се наведува дека Салих и Трамп разговарале за интензивирање на соработката заради јакнење на стабилноста во регионот, како и за потезите потребни за да се спречи сценариото Ирак да стане средиште на нови тензии и судири.
„Разговарано е и за странското воено присуство во Ирак и за неопходното намалување, како и за барањата на ирачкиот народ за зачувување на националниот суверенитет и јакнењето на безбедноста и стабилноста“, се наведува во соопштението.
Во американски воздушен напад во близина на аеродромот во Багдад на почетокот на годината беа убиени 10 лица, вклучувајќи го и истакнатиот генерал на Иранската револуционерна гарда, Касим Сулејмани и заменик-командантот на ирачките шиитски сили „Хашд ал Шаби“, Абу Махди ал Мухандис.