Rania R.a. Abushamala
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
Палестинското движење Исламски џихад денес соопшти дека објавениот договор меѓу палестинските фракции и Израел е неточен, додавајќи дека има резерви кон спогодбата во нејзината сегашна форма, јавува Анадолу.
Во соопштението, портпаролот на движењето наведе: „Она што е објавено за договорот меѓу палестинските фракции и непријателот (Израел) не е точно и имаме резерви кон него во формата во која моментно кружи.“
Соопштението е објавено откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Газа, со постепено повлекување на израелските сили како што ќе напредува процесот.
Трамп, исто така, им се заблагодари на Египет, Катар и Турција за посредувањето во постигнувањето на, како што го нарече, „историски исчекор“, наведувајќи дека договорот ќе се спроведува постепено, а Меѓународните сили за стабилизација заедно со новата палестинска полиција ќе ја преземат одговорноста за безбедноста во Газа.
Во израелската војна во Газа животот го загубија повеќе од 73.000 Палестинци, над 174.000 се повредени, најмногу жени и деца, а околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата е уништена.
Прекинот на огнот беше постигнат во рамките на планот на Трамп од 20 точки за Газа, чија имплементација ја надгледува Одборот за мир со кој претседава Трамп.
И покрај прекинот на огнот што стапи на сила на 10 октомври 2025 година, Израел ги продолжи секојдневните напади низ Газа, при што се убиени 1.214 Палестинци, а 3.977 се повредени, главно жени и деца, предизвикувајќи голема материјална штета.