Zehra Nur Düz
04 Октомври 2022•Ажурирај: 05 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Првата дама на Украина вчера во Истанбул се состана со петмина команданти на баталјонот Азов, кои беа донесени во Туркије по размената на заробеници меѓу Украина и Русија во септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Прославени во Украина како „бранители на Азовстал“, петмината украински команданти кои беа меѓу заробените војници во фабриката за челик Азовстал, се наоѓаат во Туркије под специјална заштита на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, соопшти Кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„Се сретнав со хероите на Азов во Туркије и изразив благодарност за нивната истрајност и издржливост. Андриј Јермак (шефот на Кабинетот на украинскиот претседател) помогна да се организира средба со нивните семејства“, напиша Олена Зеленска на Твитер.
Таа додаде дека Украина ќе продолжи „да се бори за слободата и враќањето на секое човечко суштество“.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изрази задоволство од средбата организирана во Истанбул, на која петте команданти на баталјонот Азов по неколку месеци повторно ги видоа своите семејства.
„Тие се целосно безбедни, со гаранции на претседателот на Туркије, Ердоган. Обезбедени им се соодветни услови. И сега можат да се видат со своите најблиски. Не се виделе многу месеци. И сега им благодарам на сите што го овозможија тоа за тие повторно да бидат со нивните семејства“, изјави Зеленски.
Туркије одигра клучна улога во договорот со кој Москва ослободи 215 украински војници во замена за 55 руски војници минатиот месец.