Şenhan Bolelli
27 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
МАДРИД (АА) – Заменик-премиерот, министер за внатрешни работи и лидер на екстремно десничарската партија на Италија, Матео Салвини, бакнувајќи го крстот им се заблагодари на Италијанците за победата на изборите за Европскиот парламент (ЕП), пренесува Anadolu Agency (AA).
Со освоени 34,3 отсто гласови на изборите за ЕП, партијата Лига за прв пат во историјата освои најмногу гласови. Лидерот на партијата, Матео Салвини, на прес-конференцијата што ја одржа по повод изборите, ја извади католичката бројаница и го бакна крстот на неа.
„Би сакал да им се заблагодарам на тие што им овозможија на Италија и Европа повторно да ја најдат надежта, гордоста, своите корени и сигурноста. Јас себеси се доверив за судбината и иднината на една земја, а не за еден глас за срцето на Девица Марија, или пак за успехот на една партија“, рече Салвини.
Салвини, исто така, негираше дека резултатите од изборите за ЕП ќе ја попречуваат иднината на коалиционата Влада во земјата, нагласувајќи дека владината програма продолжува.
Во видеото што го објави на Фејсбук, Салвини во рака држеше натпис на кој пишуваше „1-ва партија во Италија, ви благодарам“, и рече: „Ние сме прва партија во Италија, сега е време за промени во Европа“.
Салвини, кој беше кандидат и сега и пратеник во ЕП, се очекува оваа функција да му ја предаде на некој друг од партијата Лига, бидејќи нема да ги остави политичките функции во својата земја, каде што е сенатор, заменик-премиер и министер за внатрешни работи.
Од друга страна, партијата Лига, со успехот на изборите за ЕП, покажа дека е најголемиот претставник на десницата во земјата. На изборите за ЕП во 2014 година, Лига освои 6,2 отсто од гласовите, а таа стапка на овие избори ја зголеми на 34,3 отсто.
Партијата Форца Италија на поранешниот италијански премиер, 82-годишниот Силвио Берлускони, и покрај тоа што тој е избран за пратеник во ЕП, освои 8,78 од гласовите и не постигна успех.
Исто така, и другиот партнер во коалиционата Влада, антисистемското движење „5 ѕвезди“ (М5С), беше поразен на изборите за Европскиот парламент. Италијанските медиуми го употребија терминот „колапс“ за „5 ѕвезди“, коешто на изборите за ЕП освои 17,1 отсто од гласовите. „5 ѕвезди“ на парламентарните избори во Италија, одржани во 2018 година, освои 32,7 отсто од гласовите.
Италијанската левичарска Демократска партија (ДП) на изборите за ЕП, по партијата Лига, стана втората најголема партија во Италија. Демократската партија е многу далеку од историскиот успех на парламентарните избори во Италија, одржани во 2014 година, кога освои 40,8 отсто од гласовите, но сепак, со освоените 22,7 од гласовите го зголеми процентот од парламентарните избори во 2018 година, кога освои 18,8 отсто од гласовите.