Barış Seçkin
23 Декември 2022•Ажурирај: 25 Декември 2022
РИМ (АА) - Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, изјави дека нејзината влада сфатила дека преголемата зависност од некоја земја претставува стратешка грешка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мелони се обрати на затворањето на 15. Амбасадорска конференција во Рим, чиј домаќин беше Министерството за надворешни работи на Италија.
„Сфативме дека преголемата зависност и откажување од некои вредности се стратешка грешка во поглед на суверенитетот. Исто така, ја увидовме и зависноста од Русија во енергетиката. Согледуваме и дека сме премногу зависни од Соединетите Американски Држави во поглед на безбедноста. Се разбира, свесни сме и дека не би било мудро да се поттикнува зависност од Кина додека ја решаваме зависноста од Русија“, рече Мелони.
Таа истакна дека воената потрошувачка е неопходна за заштита на националните интереси.
Осврнувајќи се на прашањето за Руско-украинската војна, Мелони рече дека само прогласувањето на мирот не би било доволно.
„Ако сакате да ги уверите двата актери да седнат на маса, прво правило е односот на силите на теренот. Без рамнотежа на силите, тоа не би било мир, туку окупација“, рече Мелони.
Напоменувајќи дека Европската Унија (ЕУ), Обединетите нации (ОН) и НАТО се основите на италијанската надворешна политика, Мелони истакна дека Италија, сепак, треба да игра водечка улога.