Ahmet Furkan Mercan
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Италијанскиот новинар, Алесандро Мантовани, член на коалицијата на Глобалната флотила „Сумуд“, за Газа, изјави дека се приклучил на мисијата бидејќи верува дека Европа мора да ги поддржи напорите за прекин на блокадата на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во изјава за Анадолу, дадена на бродот „Каср-и Садабад“ кој исплови од Турција како дел од флотилата, Мантовани, кој е дописник за италијанскиот весник „Ил Фато Квотидијано“, истакна дека тој е еден од тројцата државјани на Европската Унија на овој брод што се обидуваат да стигнат до Газа.
„Причината поради која се приклучив на флотилата, како медиумски претставник од Европа, е моето уверување дека мора да ја поддржиме оваа мисија, чија крајна цел е прекин на војната во Газа“, изјави Мантовани.
Тој се обрати пред да биде извршен израелскиот напад во меѓународните води на Средоземното Море врз хуманитарната флотила, која превезуваше активисти од 39 земји.
Флотилата, составена од 54 бродови, исплови во четвртокот од турското медитеранско пристаниште Мармарис, во рамките на новиот обид за пробивање на израелската блокада на Газа, која е на сила од летото 2007 година.
Италијанскиот новинар нагласи дека Газа повеќе не е тема на дискусија во италијанските медиуми и потсети дека израелските поморски сили кон крајот на април интервенирале врз бродовите на флотилата во меѓународните води во близина на грчкиот остров Крит, во Источниот Медитеран.
„Тука сум затоа што сметам дека како медиумски работници имаме должност да ја поддржиме оваа мисија со цел да се пробие блокадата на Газа, но и да се урне ѕидот на молчењето што е присутен во Европа во однос на случувањата во Газа“, изјави Мантовани.
„Реакцијата на европските влади, почнувајќи од италијанската Влада, беше крајно слаба“, истакна тој, додавајќи дека ваквиот став дополнително го охрабрува Израел за нова ескалација.
Мантовани ја опиша атмосферата за време на пловидбата кон Газа во рамките на флотилата како „јавен протест среде море“.
„Моралот на учесниците е на високо ниво. Изгубивме многу време поради различни технички проблеми, но сметам дека движењето напредува добро“, изјави тој, додавајќи дека тој се наоѓа на брод кој испловил од Турција, додека оние кои тргнале од Барселона и Сицилија се многу поисцрпени поради подолгиот пат.
По израелскиот напад, Глобалната хуманитарна флотила „Сумуд“ побара „безбеден премин“ за својата хуманитарна мисија во Појасот Газа, обвинувајќи го Израел за спроведување „нелегални акти на пиратство“.
Во соопштението на флотилата се наведува дека израелските сили во меѓународни води „среде бел ден“, го нападнале првиот од нивните бродови, додека воени бродови ја пресретнале флотилата.
„Бараме безбеден премин за нашата легална, ненасилна хуманитарна мисија“, се додава во соопштението.