Ekipa
22 Април 2018•Ажурирај: 23 Април 2018
КАБУЛ (АА) - Бројот на загинати лица во самоубиствениот напад пред Центарот за регистрација на гласачи во авганистанскиот главен град Кабул, се зголеми на 57, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на авганистанското Министерство за здравство, Вахед Маџро, потврди дека во нападот, за кој одговорност презеде терористичката организација ДЕАШ, се повредени 119 лица.
Маџро истакна дека меѓу загинатите има 22 жени и осум деца.
Поради големиот број повредени, се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде значително поголем.
Нападот се случи во западниот дел на кабулската населба Барчи, во близина на таканаречената Зелена зона, во која се сместени државната администрација и дипломатските мисии.
Целта на нападот беше Центарот за регистрација на гласачи, пред кој имаше голем број на луѓе поради пописот на гласачи.
Минатата недела, Центарот започна со процес на регистрирање на гласачите за долгоочекуваните локални и парламентарни избори што ќе се одржат во Авганистан во октомври оваа година.
Ова е трет напад во Кабул од почетокот на регистрирањето на гласачите.