Necva Taştan Sevinç
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Европската Унија (ЕУ) се подготвува да продолжи со 21. пакет санкции кон Русија, сигнализирајќи долготраен притисок врз Москва и континуирана поддршка за Украина, изјави денес шефицата за надворешна политика на блокот, Каја Калас, јавува Анадолу.
Говорејќи на неформалниот самит на ЕУ во Кипар, Калас истакна дека неодамнешните мерки го вклучуваат финансискиот пакет од 90 милијарди евра за Украина и усвојувањето на 20. пакет санкции.
„Премиерите навистина инсистираа да се продолжи со 21. пакет санкции“, изјави таа, додавајќи дека ЕУ треба „повторно да ги разгледа претходно поставените црвени линии“ кои ги забавија поранешните одлуки.
Калас нагласи дека континуираното воведување санкции испраќа јасна порака до Москва.
„Тоа ѝ испраќа многу јасна порака на Русија дека не можат да нѐ надминат“, изјави таа, и продолжи: „Но, исто така ѝ се испраќа јасен сигнал на Русија дека Украина ни е поважна... и дека ќе продолжиме да ја поддржуваме.“
Во однос на Блискиот Исток, Калас предупреди дека тековните конфликти имаат далекусежни последици и бараат поширок дипломатски пристап.
Таа додаде дека моменталните преговори во голема мера се фокусирани на нуклеарната програма на Иран, но дека треба да се опфатат и други клучни прашања.
„Она што нѐ загрижува е дека преговорите кои се водат во моментов го решаваат нуклеарното прашање, но исто така треба да ја опфатат и ракетната програма, како и поддршката на Иран за неговите ’прокси‘ групи“, изјави таа.
Калас истакна дека слободата на пловидба останува „принцип за кој нема преговори” за ЕУ, особено во стратегиските водни премини како што е Ормускиот Теснец.
Таа исто така укажа на можноста за зајакнување на постојните поморски мисии на ЕУ во регионот, меѓу кои и операциите како што е Аспидес и Атланта, преку зголемување на капацитетите и ресурсите.