Merve Berker
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
АНКАРА (АА) - Додека руската војна против Украина, на прагот на НАТО, влегува во третата недела, „Соединетите Американски Држави се подготвени да ја бранат секоја педа од територијата на НАТО“, рече денеска во Варшава потпретседателката на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
„САД сериозно сфаќаат дека нападот врз една земја членка е напад врз сите“, порача Харис на заедничката прес-конференција со полскиот претседател Анджеј Дуда во главниот град на земјата, повикувајќи се на познатиот член 5 од Повелбата на НАТО.
„Во услови на војна која покажува „злосторство на највисоко ниво“, односите помеѓу САД и Полска станаа посилни“, додаде таа, еден ден откако рускиот напад ја опустоши породилната болница во Украина.
Посетата на Харис исто така дојде како дел од напорите да се залекува јазот, откако САД го отфрлија планот Полска да испорача борбени авиони во Украина, користејќи ги САД како посредник.
Полска граничи со Украина на исток, а над 1,4 милиони бегалци од војната ги преминаа нејзините граници, повеќе отколку во која било друга земја.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобални компании од Русија.
Најмалку 516 цивили загинаа и 908 се повредени во Украина досега, според бројките на ОН, а се стравува дека бројката ќе биде поголема.
Повеќе од 2,1 милион луѓе досега ја напуштија Украина во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.