Barry Ellsworth
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
ТРЕНТОН (АА) - Десетици илјади Канаѓани ги заменија традиционалните црвена и бела боја за Денот на Канада во портокалови маици во знак на жалење за жртвите на резиденцијалните училишта за децата Индијанци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Околу 10.000 луѓе се собраа во Лондон, Онтарио, а маршеви се одржаа и во Монтреал, Тандер Беј и во други градови низ Канада.
Но, најголем одзив имаше на „Парламент Хил“ во главниот град на Отава, каде што вообичаено се одржуваат прослави за раѓањето на Канада како независна држава на 1 јули 1867 година. Луѓето облечени во портокалови маици извикуваа „Срам за Канада!“ и „Нема гордост во геноцид!“
Терминот „геноцид“ го користеше канадскиот премиер Џастин Трудо за да го опише она што им е направено на домородните деца почнувајќи од 1820-тите години. Вкупно, низ земјата формирани се 139 резиденцијални училишта за децата Индијанци - последното беше затворено во 1996 година - а 150.000 домородни деца се одземени од своите родители и принудени да живеат во училиштата. Целта беше да се всади белата култура кај „дивјаците“.
Во училиштата се случувало хорор, со големи злоупотреби, а децата често биле закопувани во необележани гробови - 1.148 гроба се откриени во три поранешни училишта во последните пет недели, што доведе до вчерашните протести.
Традиционалните прослави по повод Денот на Канада беа незабележани или откажани во многу заедници, а Трудо изјави дека за некои, 1 јули „сè уште не е ден на славење“.
„Ужасното откривање на останки на стотици деца на местата на поранешните резиденцијални училишта во Британска Колумбија и Саскачеван со право нè принудија да размислуваме за историските неуспеси и неправдите на нашата земја кои сè уште постојат за домородните народи и за многу други во Канада“, рече Трудо. „Ние како Канаѓани мора да бидеме искрени со самите себе за нашето минато.“
Трудо вчера се состана со Филис Вебстад, преживеана од Мисионерското училиште „Св. Јуџин“ во Британска Колумбија, каде што оваа недела беа откриени 182 необележани гроба. Таа е основач на Здружението на портокалови маици и Денот на портокалови маици. Вебстад на првиот училиштен ден носела портокалов горен дел на облека, кој ѝ го соблекле и никогаш повеќе не ѝ го дале. Тогаш имала само шест години.
Таа го основа движењето „Портокалова маица“, со кое патува низ земјата раскажувајќи за нејзината приказна на хоророт како мало девојче во училиштето.
Средбата меѓу премиерот и Вебстад беше затворена за медиумите.