Seyit Aydoğan
27 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
ТОРОНТО (АА) - Канадскиот суд одбива да објави документ на Римокатоличката црква во кој се тврди дека црквата обезбедила 25 милиони долари компензација „во натура“ за преживеаните од резиденцијалните училишта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Боби Камерон од Федерацијата на суверени домородни нации рече дека има недостаток на транспарентност од страна на Католичката црква и дека во овој случај судовите погрешиле, објави „Си-би-си њуз“ (CBC News).
„Таа информација е сопственост на преживеаните од Првите нации и нивните потомци“, истакна Камерон. „Не знам зошто Судот не успева да го издаде тоа [документот]. Што кријат? Ние сме уморни од оваа игра на мачка и глушец.“
„Си-би-си њуз“ го објави писмото од главниот судија на Судот од Саскачеван, Мартел Поупскал, во кое се вели дека судот „има надзорна улога над судските записи“.
Истакнувајќи дека судот ја следи соодветната постапка, Поупскал вели: „Судот нема да ги менува своите процедури, да брза со процесите или да ги игнорира своите основни одговорности за да го исполни вашиот рок.“
Цитирајќи го Мајо Моран, поранешен декан на Правниот факултет на Универзитетот во Торонто, телевизиската мрежа објави дека „целосното, непосредно откривање е уште поважно во светло на неодамнешното откривање на над 1.000 неозначени гробови во близина на резиденцијалните училишта во Камлопс, Ковесес Првата нација во јужниот дел на Саскачеван и на други места во Канада“.
Моран, кој беше на функцијата претседател на Независниот комитет за компензација за Договорот поврзан со индијанските резиденцијални училишта од 2005 година, рече: „Треба да сториме сè што е можно за да им ги пружиме на преживеаните информациите што ги заслужуваат... Направете го тоа. Направете го тоа брзо. Не правете го тоа поболно за лицата кои веќе страдаа толку многу.“
„Пред договорот од 2005 година, Федералната влада и разни цркви се соочија со тужби од преживеаните и нивните семејства, вредни милијарди долари“, се додава во веста.
Според „Си-би-си њуз“, Католичката црква им дала три ветувања на преживеаните во вкупна вредност од 79 милиони долари.
„Прво е договорена исплата на готовина од 29 милиони долари. Најголем дел од исплатата изгледа дека е исплатена, со тоа што црквата обезбедила судски налог во 2015 година дека треба да исплати само уште 1,2 милиони“, објави телевизиската мрежа.
„Второ, црквата се согласила да вложи напори за собирање на 25 милиони долари. Помалку од 4 милиони долари се исплатени на преживеаните.“
„Трето, на Католичката црква ѝ беше дозволено да ги реализира последните 25 милиони долари како „услуги во натура“. Договорот прецизира дека од услугите треба да имаат директен бенефит преживеаните и нивните потомци“, се додава.
По откривањето на повеќе од 1.000 необележани гробови во четири поранешни резиденцијални училишта од мај, канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека ќе ја поддржи кривичната истрага за 139 училишта. Ова е прво јавно обзнанување за поддршка на истрагата.