Islam Uddin
15 Август 2024•Ажурирај: 17 Август 2024
АНКАРА (АА) - Кина силно ја критикуваше посетата на јапонските пратеници на Тајван, порачувајќи му на Токио дека Тајван е црвена линија за Пекинг што не може да се помине, објавија денес државните медиуми, пренесува Анадолу.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, изјави дека постои само една Кина и дека Тајван е нераскинлив дел од кинеската територија, пренесе КГТН (CGTN).
„Ние цврсто се спротивставуваме на каква било форма на официјална интеракција меѓу регионот на Тајван и земјите кои имаат дипломатски врски со Кина и пративме сериозен протест до јапонската страна“, рече Лин.
Неговата реакција дојде по извештаите дека член на Претставничкиот дом на Јапонија – поранешен генерален секретар на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) – заедно со други јапонски парламентарци го посетиле островот-самоуправа и се сретнале со неговиот лидер Лаи Чинг-те и други.
„Јапонија изврши голем број злосторства за време на 50-годишното колонијално владеење над Тајван и е одговорна за огромните гревови, на кои сведочи историјата, против кинескиот народ“, рече Лин, повикувајќи ја Јапонија да се придржува до принципот една Кина и духот на четирите политички документи меѓу двете земји.
Исто така, Кинеската крајбрежна стража денес соопшти дека протерала јапонски брод што навлегол во кинеските територијални води кај островите Диаоју.
Во кратката изјава, Крајбрежната стража го повика Токио веднаш да ги прекине сите „незаконски“ активности во овие води.
„Бродовите на Кинеската крајбрешна стража ќе продолжат да спроведуваат активности за заштита на поморските права и за спроведување на законот во нашите јурисдикциски води за да го заштитат националниот суверенитет, безбедноста и поморските права“, објави државниот Глобал тајмс.