Alperen Aktaş
01 Јуни 2023•Ажурирај: 02 Јуни 2023
АНКАРА (АА) – Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, и советникот за надворешна и безбедносна политика на германската канцеларка, Јенс Плотнер, на одржаната средба се согласија дека двете земји треба да работат заедно за да се справат со глобалните предизвици, пренесува Анадолу.
Ванг Ји, поранешен министер за надворешни работи и актуелен директор на Канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК), повика на стабилизација на односите меѓу Кина и Германија на средбата со германскиот претставник во посета на Пекинг.
Ванг истакна дека Германија не само што треба постојано да ги развива билатералните односи, туку и да придонесе за заедничко справување со глобалните предизвици, објави новинската агенција Синхуа, повикувајќи се на соопштението објавено од Министерството за надворешни работи.
Тој рече дека Кина е подготвена да поттикне заемно корисна соработка со меѓународната заедница и ја нагласи посветеноста на земјата за мирен развој.
Во услови на зголемена меѓународна нестабилност и неизвесност, тој истакна дека Пекинг и Берлин треба да соработуваат за да ја направат успешна седмата меѓувладина консултација меѓу Кина и Германија и да испратат позитивен сигнал до Европа и светот.
Плотнер рече дека основата на односите на двете земји е цврста и Берлин ќе продолжи цврсто да ја следи политиката на една Кина, се вели во соопштението.
„Полни сме со очекувања за претстојната рунда меѓувладини консултации меѓу двете земји и ќе работиме заедно за да ја забрзаме подготвителната работа“, рече Плотнер за време на средбата.
Дискусијата ја опфатила и заедничката загриженост за меѓународни и регионални прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Украина, се додава во соопштението.