Riyaz Khaliq
22 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
АНКАРА
Кина денес упати остри критики кон Соединетите Американски Држави (САД) за барањето Пекинг да го затвори својот Конзулат во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Обвинувајќи ги САД за еднострана политичка провокација, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави дека притисокот на САД за затворање на Конзулатот во Хјустон е сериозно кршење на меѓународното право и основните норми во меѓународните односи, објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс‘.
Повикувајќи го Вашингтон веднаш да ја исправи својата грешка, Венбин на прес-конференција во Пекинг истакна: „Во спротивно, Кина ќе возврати со легитимен и неопходен одговор“.
Овој потег на САД е сериозно кршење на соодветните одредби од кинеско-американскиот конзуларен договор и намерен обид за поткопување на односите меѓу Кина и САД, додаде портпаролот.
Нарекувајќи го потегот на САД за невидена ескалација на односот на САД кон Кина, Венбин изјави: „Веќе некое време САД напаѓаат и започнаа кампањи за оцрнување на Кина и неразумно им правеа проблеми на вработените во кинеските конзулати“.
Венбин рече дека Амбасадата на САД во Кина често објавува статии [на својата веб-страница] во кои отворено се напаѓа Кина.
„Јасно е кој се меша во внатрешните работи на другите земји и кој се инфилтрира и поттикнува конфронтации“, додаде тој.