Şahin Demir
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Кинескиот претседател Си Ѓингпинг денес треба да ја започне официјалната посета на Египет, каде што ќе разговара со египетскиот колега Абдел Фатах ал-Сиси за зајакнување на билатералната соработка, како и за регионални и меѓународни прашања, јавува Анадолу.
Од египетското Претседателство соопштија дека Сиси ќе го пречека Си во рамки на официјалната посета на кинескиот лидер на земјата, без да го прецизираат нејзиното времетраење.
Целта на посетата е зајакнување на политичката, економската и развојната соработка, како и разгледување на спроведувањето на договорот за сеопфатно стратегиско партнерство потпишан меѓу двете земји во 2014 година, се додава.
Двајцата лидери се очекува на разговорите да разменат мислења и за регионални и меѓународни прашања од заеднички интерес.
Во напис објавен денес во египетските државни весници „Ал-Ахрам“, „Ал-Ахбар“ и „Ал-Гомхурија“, Си изјави дека односите меѓу Кина и Египет се наоѓаат во „најдобриот период во историјата“ по 70 години пријателство.
Тој повика на продлабочување на сеопфатното стратегиско партнерство, проширување на висококвалитетната соработка во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“, зајакнување на културната размена и продлабочување на соработката меѓу Кина и арапските земји, како и меѓу Кина и Африка.
Од своја страна, Сиси во напис објавен во „Ал-Ахрам“ рече дека Египет и Кина се согласиле оти проширувањето на вооружените конфликти нема да биде во интерес на ниту една регионална или меѓународна страна.
Посетата на Си е дел од неговата странска турнеја што трае од 30 август до 3 септември.
Ова е прва посета на Си на Египет по една деценија. Билатералната трговија меѓу Кина и Египет порасна на повеќе од 10 милијарди долари.
Посетата се одвива и во услови на продлабочување на воената соработка меѓу двете земји. Нивните воздухопловни сили неодамна одржаа заеднички вежби во Египет под називот „Орли на цивилизацијата“, во кои учествуваа кинеските борбени авиони „Ј-16“ и египетските авиони „Рафал“, меѓу друга воена опрема.
Египет во 1956 година стана првата арапска и африканска земја што воспостави дипломатски односи со Народна Република Кина.
Двете земји воспоставија стратегиско партнерство во 1999 година, а во декември 2014 година ги подигнаа односите на ниво на сеопфатно стратегиско партнерство.