Fuat Kabakçı
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Муслиманите од повеќе различни етникуми во месецот на постот, Рамазан, ќе се сретнат на заедничките ифтари организирани во џамиите низ земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Муслиманите во земјата се подготвуваат за Рамазан, а првата рамазанска молитва, терави намаз, ќе се клања на 26 мај. Муслиманите во главниот град на Кина, Пекинг, се подготвуваат да го поминат Рамазан во заедништво.
Али Чанг, претседател на здружението на џамијата „Њуцзе“ во Пекинг, во својата изјава за АА истакна дека на 27 мај ќе започнат со рамазанскиот пост.
- Заедничките ифтари ќе се организираат со помош на волонтерите -
Чанг нагласи дека се направени последните подготовки за Рамазан во најстарата и најголемата џамија во Пекинг, „Њуцзе“, и пренесе дека ќе се формираат групи од волонтери и заедници на џамијата коишто ќе помагаат во подготовките на ифарите.
Чанг вели дека сите муслимани заедно ќе бидат на ифтарска софра во дворот на џамијата, за да се почувствуваат духовните благослови на Рамазан.
Со цел да бидат заедно на верските празници, кинеските муслимани организираат ифтари и различни активности во џамиите.
Муслиманите во Кина ќе постат околу 17 часа, а постот во оваа земја почнува околу 3 часот (суфур) и трае до 20 часот (ифтар).
Јакуб Ma, од заедницата на џамијата, истакна дека муслиманите за време на Рамазан поминуваат повеќе време заедно, а тоа ги зајакнува меѓусебните врски.
- Муслиманите во Кина -
Кај кинеските муслимани е испреплетена исламската и кинеската цивилизација, а тоа се рефлектира и во нивните јадења.
„Ла миен“, еден вид тестенини, се меѓу најомилените јадења на муслиманите во земјата, кои често се сретнуваат на ифтарската софра. Особено во северните региони, разните видови тестенини со месо и со зеленчук, како и слатки од овошје и од ориз, се меѓу неизбежните јадења на ифтарската софра.
Откако го прифатиле исламот, муслиманите во Кина се посветиле на изградбата на џамии. Џамиите ги градат според нивната уникатна архитектура, во којашто се испреплетуваат исламската и кинеската традиција.
Во Пекинг има 72 џамии, а џамијата „Њуцзе“ е изградена во 996 година, и е најстарата џамија во овој град.
Во Кина, 10 од 56-те етнички малцинства се муслимани по вероисповед. Етничките малцинства како народот Хуи (кинески муслимани), Ујгури, Киргизи, Казаци, Таџици, Татари, Узбеци, Саларци, Баоанци и Дунсјани претежно живеат во северниот и во северозападниот дел на земјата.
Хуите и Ујгурите имаат две автономни области, а во некои региони муслиманите имаат автономни администрации.