Bayram Altuğ
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Светската метеоролошка организација (WMO) соопшти дека концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, која е еден од главните фактори на климатските промени, достигна рекордно ниво во 2018 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Светската метеоролошка организација, подружница на Обединетите нации (ОН), го објави својот нов извештај за емисијата на стакленички гасови пред следниот Самит за климатски промени на ОН што ќе се одржи во Мадрид, Шпанија.
Во извештајот се забележува дека концентрацијата на јаглерод диоксид (СО2) во атмосферата, која изнесувала 405,5 ппм (делови на милион честички) во 2017 година, се зголемила на 407,8 ппм во 2018 година.
Во извештајот се наведува дека стапката на емисија на стакленички гасови во атмосферата е побрза од просекот на последните 10 години и предупредува дека јаглерод диоксид во атмосферата останува со векови, а во океаните уште подолго.
Во извештајот се потенцира дека концентрацијата на стакленички гасови што ја задржуваат топлината во атмосферата минатата година достигнала ново рекордно ниво и се додава: „Овој тренд кој трае долги години ќе доведе до тоа новите генерации да се соочат со сериозните ефекти од климатските промени како што се зголемување на температурите на воздухот, временските услови, покачување на нивото на морето и влошување на морските и копнените екосистеми.“
Петери Талас, генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева рече: „И покрај сите заложби во Парискиот договор за климата, нема знаци на намалување на нивото на концентрација на стакленички гасови во атмосферата.“
За климатските промени Талас истакна дека „обврските треба да се претворат во акција и да се вложат повеќе напори за благосостојбата на идните генерации“.