Ahmet Buğra Olaç
11 Мај 2024•Ажурирај: 15 Мај 2024
АНКАРА (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Нуман Куртулмуш, порача дека вратите на турските универзитети се отворени за академските работници кои се отпуштени од своите работни места поради ционистичките притисоци во екот на масовните пропалестински протести на универзитетите низ светот, јавува Анадолу.
Куртумлуш по посетата на Мексико и Куба разговараше со новинарите во авионот на пат кон Анкара и ги коментираше притисоците врз студентите и професорите на универзитетите низ светот каде што се одржуваат протести против израелските напади врз Газа.
„Туркије отсекогаш била земја која примала академски кадар кој е во тешки ситуации низ светот. Во времето на Ататурк, еврејските научници кои бегаа од нацистичкиот прогон во Германија дојдоа во Туркије и дадоа значаен придонес во развојот на научниот живот во Туркије. Ги покануваме сите академски работници од светот. Вратите на турските универзитети се отворени за сите оние кои се отпуштени од своите работни места поради ционистичките притисоци“, порача Куртулмуш.
Тој истакна дека Туркије силно го поддржува палестинскиот народ во неговата оправдана борба за мир и правда, и дека е една од земјите каде што постои силен консензус во врска со тоа кога се во прашање владата и народот.
„Имавме големи собири и продолжуваме со поддршката на сите платформи. Убедени сме дека е започната нова епоха во палестинската борба, за што сведочат пропалестинските протести на универзитетите на Запад и формирањето на хуманитарен штит кои ги собира сите луѓе со здрава свест, без разлика на нивната верска, расна или национална припадност“, рече Куртулмуш.
Додаде дека битно е да се потсети и на значењето на тужбата за геноцид што Јужноафриканската Република ја покрена против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
„Од сега ќе се води многу интензивна борба. Израел и неговите поддржувачи ќе вршат секаков вид притисок. Всушност, што и да прават владите, народот има совест, народот има глас и тој глас насекаде многу силно ќе дојде до израз“, рече Куртулмуш.