Burç Eruygur
24 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ЊУЈОРК (АА) - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва „нема да го заборави ниту прости“ неиздавањето американски визи на руските новинари што требаше да го придружуваат на патувањето во Њујорк за учество на состаноците на Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесува Анадолу.
„Бидете уверени, нема да заборавиме, нема да простиме“, рекол Лавров во вчерашната изјава што ја пренесе портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова пред да замине за САД.
Лавров истакнал дека е свесен оти американските функционери се познати дека преземаат такви акции, но дека овој пат ситуацијата ќе биде поинаква со оглед на „вниманието што го привлече нивното срамно однесување“.
„Но погрешив. Земјата што се нарекува себеси најсилна, најпаметна, најслободна и најправедна, ги загуби нервите и направи, сигурен сум, глупост демонстрирајќи што, всушност, значат нивните приказни за слободата на говорот и пристапот до информации“, додаде Лавров.
Тој истакна дека светот внимателно ќе ги следи изјавите на Русија на претстојните состаноци на Советот за безбедност на ОН.
„Ќе мора да работиме и за вас (руските новинари) и да покажеме повеќе енергија, да вложиме повеќе сила за да ѝ ја пренесеме вистината на светската заедница“, рече Лавров.
Во подоцнежната изјава Захарова рече дека Лавров пристигнал во Њујорк, истакнувајќи дека под негово претседавање ќе се одржи седница на Советот за безбедност на ОН.
Русија, една од петте постојани членки со право на вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН, го презеде ротирачкото претседателство со телото на ОН на 1 април и покрај острите критики од Украина и нејзините сојузници.