Elena Teslova
07 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Западот изградил ѕид во односите со Москва, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Форумот „Примаковски читања“ во Москва, Лавров рече дека Русија ќе биде подготвена за сериозен дијалог со Западот кога во тамошното раководство ќе дојдат „далекувиди луѓе“.
„Западот престана да соработува со нас, изгради ѕид, а ние работиме само со оние кои се подготвени за тоа“, рече тој.
Рускиот министер моменталната ситуација ја нарече „трагедија“ за западниот систем на поредок, кој се заснова на принципите на глобализацијата, кој, според него, „целосно се дискредитира како систем за кој не може да се преговара и кој не може да ги почитува и да ги зачува сопствените принципи и механизми наметнати на сите останати“.
Лавров, исто така, рече дека Западот се обидува да ги искористи ОН без размислување, залажувајќи ги земјите членки да усвојат антируски резолуции под образложение за „неодобрување“ на акциите на Москва во Украина, обидувајќи се да го заплени замрзнатиот руски имот.
„Како што гледате, битките се одвиваат речиси секојдневно во ОН, и таму, убеден сум, треба упорно да ги презентираме сите тие факти, од кои огромен број кои го карактеризираат лицемерието на Западот и криминалната природа на режимот во Киев и на оние кои го поддржуваат, и интригите против нашата земја, а и против Белорусија“, рече тој.
Лавров рече дека Западот, дури и неговите „сигурни партнери“, се обидува да ги сврти против Русија и дека тоа има „одреден вид психолошко влијание“ врз неколку земји кои „може да потклекнат“ на Вашингтон.
„Тоа е нивни избор. Но долгорочно, дури и среднорочно, овој избор ќе биде губитнички за економскиот развој, за сопствениот суверенитет“, нагласи рускиот министер за надворешни работи.