Halit Süleyman,Mohamad Misto
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ИДЛИБ (АА) - ХАЛИТ СУЛЕЈМАН/МУХАМЕД МИСТО -
Лекарите кои беа сведоци на смртоносниот напад со хемиско оружје над цивилите во Идлиб истакнаа дека во многу тешки услови сториле сѐ што е во нивна моќ за да им укажат помош на стотиците ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден од лекарите кои им укажуваа помош на ранетите, Абдулмуним Џафер, за АА истакна дека се обидел на секаков можен начин да им помогне.
Тој истакна дека вчера, од седум часот утрината, ранетите пристигнувале во болницата во Маарет ен Нуман.
„Меѓу нив имаше и жени, деца и постари лица. Поголемиот дел од нив беа во пижами. Се обидовме да им помогнеме со многу ограничени можности“, изјави Џафер.
Тој исто така за АА рече дека имало недостаток од санитетски материјал, поради што биле принудени ранетите да ги испраќаат во околните болници.
„Бидејќи не знаевме за каков гас станува збор, не знаевме ни што да сториме во првите моменти. Со гас се затруени и припадниците на цивилната заштита. И ним се обидовме да им помогнеме колку што можевме“, изјави Џафер.
Лекарот Мустафа Саваш изјави дека од вчера утрината им помале на ранетите во болницата.
„Не знаевме за каков гас станува збор. Подоцна дознавме дека се работело за мешавина од сарин и хлор. Во нашата болница се префрлени речиси 150 ранети лица. Ранетите кои пристигнуваа се тресеа ужасно. Во болницата починаа 25 лица, а 70 се во животна опасност“, изјави Саваш.
Тој истакна дека кога граѓаните ќе почувствуваат дека се работи за хемиски напад, треба да се качат на повисоките катови.
Намир Менди, кој исто така им помагал на ранетите, изјави дека на местото на нападот излегле со седум амбулантни возила.
„Кога стигнавме таму, на тлото лежеа стотици лица, затруени со гас“, изјави ова медицинско лице, напоменувајќи дека во едно возило морале да пренесуваат по 10-15 ранети лица.
Во вчерашниот напад, во кој силите на режимот на Асад употребија хемиско оружје, загинаа повеќе од 100, а ранети се над 500 цивили, меѓу кои и поголем број деца. Следуваа и воздушни напади во кои цел беа и локалната болница и Центарот на цивилната заштита, кои се обидуваат да им помогнат на настраданите. Се стравува дека билансот на смртно настраданите би можел значително да се зголеми, а животно загрозените ранети се префрлени на лекување во Турција.