Burak Bir
06 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
ТРИПОЛИ
Либиската Армија спроведе 24 воздушни операции како дел од силната офанзива насочена кон заземање на воздушната база „Ал Ватија“, објавија воени извори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Воениот портпарол на либиската Влада, Мухамед Кунуну, изјави дека во воздушните операции од вчера утрото биле уништени две борбени возила за лансирање на ракети, разни оружја и муниција.
„Силите на либиската Влада вчера лансираа воена операција за заземање на воздушната база „Ал Ватија“, која е лоцирана југозападно од главниот град Триполи и контролирана од милитантните сили што ги предводи Калифа Хафтар“, изјави воен извор за АА.
Воздушната база „Ал Ватија“ е клучна база во Либија, којашто милитантите на Хафтар ја окупираа во 2014 година. Токму таа база Хафтар ја користи како седиште од кое раководи со нападите врз Триполи и другите либиски региони.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога од власт беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од ОН и меѓународната заедница, додека генерал Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои претежно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.