Hamdi Yıldız
27 Октомври 2021•Ажурирај: 28 Октомври 2021
ЛИБИЈА
Премиерот на Либија, Абдулхамид Дибејбе, истакна дека борбата што се води во Либија не е меѓу региони, туку е политичка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дибејбе на состанокот со одредени министри во главниот град Триполи одговори на изјавата дадена од некои племенски лидери и познати личности од регионот Сиренајка.
„Тоа што говорите дека Сиренајка е оставена сама на себе не ја одразува вистината“, рече Дибејбе, додавајќи дека „Борбата во земјата не е меѓу регионите, туку е политичка.“
Наведувајќи дека никогаш не бил регионалист, Дибејбе рече дека во неговата влада министрите се избрани со правична географска распределба.
Дибејбе истакна дека не гледа пречка во тоа која било институција да биде преселена на истокот од земјата, и потсети дека поголемиот дел од институциите природно се наоѓаат во Триполи, бидејќи е главен град.
Државниот министер одговорен за владини прашања, Адил Џума, истакна дека 28-те амбасадори се избрани според правична географска распределба, и дека 12 амбасадори и 11 министри се од истокот на државата.
Во вчерашната изјава на лидерите на регионот Сиренајка на истокот на земјата од владата побараа институциите кои се преселени во Триполи да ги врати во нивните региони каде што се формирани. Исто така побараа да се исплатат платите кои доцнат во сите сектори и компании.
Некои владини функционери кои ја претставуваат Сиренајка, предводени од првиот заменик-премиер Хусеин ал-Катрани, во изјава на 10 октомври наведе дека премиерот не ја почитувал Мапата на патот предвидена во политичкиот договор за земјата, дека не се придржувал до принципите на обединување на нејзините институции и правичната распределба на моќта меѓу регионите.