Mehmet Nuri Uçar
18 Мај 2020•Ажурирај: 19 Мај 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Премиерот на Либија, Фајиз ел Сараџ, истакна дека откако либиската Армија ја презела контролата врз воената база „Ватија“, што беше под окупација на милицијата на водачот на илегалните вооружени сили од источниот дел на земјата, Калифа Хафтар, операциите ќе продолжат и понатаму со цел сите останати подрачја да се исчистат од милициите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сараџ во својство на врховен командат на либиската Војска преку писмено соопштение упати сочувство за загинатите војници во рамки на операцијата за преземање на контролата врз воената база „Ватија“, а на повредените им посака брзо заздравување.
Тој рече дека преземањето на контролата врз оваа база не значи дека е ставен крај на војната, и дека се уште чекор поблиску до победата.
Сараџ истакна дека операциите ќе продолжат со цел сите градови и подрачја да се исчистат од милицијата во рамки на борбата што се води во име на државата и демократијата.
Меѓу другото, началникот на Генералштабот на либиската Војска, Мухамед ел Шериф, по преземањето на контролата врз „Ватија“ даде изјава за телевизијата „Либија ел Ахрар“ („Libya el-Ahrar“), при што нагласи дека наредната операција ќе биде извршена во јужниот дел на Триполи и во градот Терхуне, кој има стратешка важност.
Ел Шериф рече дека продолжуваат со подготовките во оваа насока.
Командантот на западната операциска единица при либиската Војска соопшти дека презеле целосна контрола врз базата „Ватија“, која беше окупирана од страна на милициите на Хафтар.