Ekipa
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
БЕНГАЗИ (АА) - Владата на Либија објави дека бројот на жртви во борбите на ривалските вооружени групи во главниот град Триполи се зголеми на 50 лица, вклучувајќи и цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за здравство денес соопшти дека во судирите, кои започнаа кон крајот на август, досега биле повредени 138 лица.
Борбите избија минатата недела меѓу групите од Триполи и ривалите од градовите на јужниот дел од земјата. Владата која ја поддржуваат ОН прогласи вонредна состојба во Триполи и околината.
Мисијата на ОН во Либија денес повика на „итен дијалог за безбедносната ситуација“ во Триполи.
Либија се наоѓа во хаос од бунтот во 2011 година за време на кој беше соборен, а потоа и убиен повеќедецинискиот владетел Муамер Гадафи. Со Либија управуваат ривалските влади во Триполи и во источниот дел на земјата, а секоја од нив е поддржана од голем број милиции.