Muhammed Semiz
23 Јуни 2021•Ажурирај: 24 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Либија денес на втората конференција во Берлин ќе започне иницијатива насочена кон национално помирување и обединување на Армијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор објавен вчера на веб-страницата на Министерството за надворешни работи, министерката за надворешни работи, Најла Мангуш, даде информации за прашањата што либиската Влада ќе ги донесе на дневен ред на конференцијата.
Мангуш рече дека иницијативата ќе се фокусира на точките од мапата на патот за кои одлучува либискиот Форум за политички дијалог.
Потсетувајќи дека од првата Берлинска конференција за Либија, извршната власт е обединета, потпишан е договор за прекин на огнот, a отворeн е и крајбрежниот пат, таа рече дека има забавување во спроведувањето на другите точки од мапата на патот.
Истакна дека иницијативата ќе вклучува иницирање на сеопфатно национално помирување и одржување општи и претседателски избори на 24 декември.
„Иницијативата има за цел да ја обедини либиската Армија под единствена команда и да го активира договорот за прекин на огнот и исто така ќе се фокусира на воспоставување извршни механизми за решавање на безбедносните и економските проблеми“, истакна таа.
Под покровителство на Обединетите нации и Германија, на Втората конференција во Берлин ќе учествуваат шефот на либискиот Претседателски совет, Мохамед ал-Менфи, премиерот Абдул Хамид Дбеибе, специјалниот пратеник на ОН за Либија, Јан Кубис, и министрите за надворешни работи на земјите учеснички.
Конференцијата има за цел да го оцени напредокот постигнат во воспоставувањето мир во Либија, која е зафатена со конфликт, и напорите насочени кон одржување на безбедноста во земјата.
Настанот се очекува да ја нагласи неопходноста од одржување парламентарни и претседателски избори на 24 декември, како што е закажано, и повлекување на странските сили и платениците од земјата.
Учесниците исто така се очекува да го повторат повикот за усогласеност со ембаргото за вооружување воведено од Советот за безбедност на ОН врз Либија и да донесат обврзувачки одлуки за обединување на безбедносните сили во земјата.
Берлин беше домаќин на првата конференција за либиската криза на 19 јануари.
Во неделата, Владата на национално единство на Либија соопшти дека на конференцијата Либија ќе ја претставуваат Дбеибе и Мангуш.
Во февруари, либискиот Форум предводен од ОН изгласа привремена власт во Либија, избирајќи ги Мохамед ал-Менфи за шеф на тричлениот Совет на претседателството и Дбеибе за премиер.
Либијците се надеваат дека новата Влада на единство ќе стави крај на повеќегодишната граѓанска војна што ја зафати земјата по соборувањето и убивањето на Муамер Гадафи во 2011 година.