Zehra Nur Düz
11 Јуни 2020•Ажурирај: 13 Јуни 2020
ТАРХУНА
Масовни гробници се откриени во либискиот град Тархуна кој либиската војска неодамна го ослободи од нелегитимните милитантни сили од источниот дел на Либија предводени од Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Војската приврзана на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија објави и снимки на новооткриени масовни гробници во градот кој до скоро беше најголемо упориште на Хафтаровите милитанти.
„Досега се ексхумирани посмртните останки на две лица. Подрачјето е полно со трупови“, рече за АА Лутфи Тевфик Мисрати, раководител на Канцеларијата за истрага на исчезнати лица во Либија.
Тој рече дека на друг локалитет исто така постои масовна гробница во која се наоѓаат посмртните останки на 10 до 12 лица.
„Пронајдени се масовни гробници на најмалку пет локалитети“, рече Мисрати, и додаде дека надлежните здравствени и форензичарски институции ќе извршат идентификација на откриените тела по ексхумацијата.
Либиската Црвена полумесечина информира дека е започната истрагата за пронајдените масовни гробници во Тархуна, а од организацијата побараа и поддршка од Военото обвинителство и Канцеларијата за исчезнати лица.
Изминатиот петок, ден по ослободувањето на градот, либиската војска соопшти дека во болницата во Тархуна откриени се 106 тела на кои се видливи траги на тортура и измачување.
Либиската војска изминатите денови постигнува големи успеси во борбата против Хафтаровите милитантни сили, кои утрово останаа и без главниот коридор долг 350 километри, а кој ги поврзуваше Хафтаровите милитанти на западот и југот од земјата.
Изминатата недела Хафтаровите сили изгубија контрола врз повеќе градови во Либија, вклучувајќи ја и целата провинција Триполи и Тархуна, како и воздушната база Ватија. Либиската војска воспостави контрола и врз воените кампови „Ел-Текбали“, „Хамза“ и „Јермук“.
Во саботата либиската војска ја започна операцијата за ослободување на источниот и централниот дел на земјата, ослободувајќи го градот Вади Вишка кај Сирт.