Mücahit Aydemir
17 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
ТРИПОЛИ
Потсекретарот на либиското Министерство за правда, Наср Гита, изјави дека Меѓународниот кривичен суд треба да преземе чекори во доменот на неговите надлежности во однос на прашањето за масовните гробници и телата пронајдени во градот Тархуна кој беше ослободен од рацете на милициите на Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одделот за медиуми на операцијата „Вулкан на гневот“, што ја спроведува војската на Либија, во главниот град Триполи организираше прес-конференција во врска со масовните гробници откриени во градот Тархуна и неговата околина кои на 5 јуни беа ослободени од окупацијата на милициите приврзани на нелегитимните вооружени сили од источниот дел на земјата предводени од Калифа Хафтар.
На состанокот, Наср Гита, потсекретарот на либиското Министерство за правда одговорен за човековите права, Фајсал Мухамед Џелвал, претставник на Црвената полумесечина на Либија и воени претставници објавија соопштение.
Во соопштението се вели дека по расчистувањето на градот Тархуна од милициите на Хафтар, биле сведоци на тажни глетки по откривањето на масовните гробници, во кои жртвите биле живи закопани.
Наср Гита во своето обраќање истакна дека Меѓународниот кривичен суд треба да ја преземе одговорноста во доменот на неговите надлежности во врска со кршењето на човековите права и откриените масовни гробници.
„Либиските национални судови се во состојба да го следат овој проблем“, изјави Гита, но подвлече дека во вакви случаи кога е во прашање кршење на човековите права, потребно е овој проблем да биде преземен од Меѓународниот кривичен суд кој е дел од Обединетите нации (ОН).
„Постојат услови што ги ограничуваат либиските судови да спроведат целосна истрага. Еден од нив е дека, според Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 1970 - 2011, Меѓународниот кривичен суд е одговорен за разгледување на либиската криза. Затоа, иако во потполност веруваме дека нашите национални судови имаат моќ да го водат случајот, во согласност со одлуката на Советот за безбедност на ОН, од суштинско значење е МКС да ги преземе сите прекршувања на човековите права“, рече Гита.
Либискиот претставник на Црвената полумесечина, Фајсал Мухамед Џелвал, изјави дека во болницата во Тархуна биле пронајдени 106 тела, од кои на 14 тела им е завршена идентификацијата и предадени им се на нивните семејства, а повеќето од останатите тела биле пренесени во болниците во Мисрата, Триполи и Абу Селим.
Џевлал во своето обраќање истакна дека меѓу жртвите има тела на жени и деца.
Наведувајќи дека по пријавите што дошле до либиската Црвена полумесечина, пронајдени се многу масовни гробници на голем простор, Џелвал рече: „Ситуацијата во регионот укажува на тоа дека човечкиот живот воопшто не се цени.“
Тој истакна дека за време на ексхумацијата и транспортот е забележано дека врз жртвите била практикувана тортура која е во спротивност со меѓународните закони и човековите права.
Либиската армија на 5 јуни, при ослободувањето на градот Тархуна од милициите на Калифа Хафтар, водач на нелегалните вооружени сили од источниот дел на Либија, пронајде 106 тела во Градската болница.
Според бројките што ги објавија Обединетите нации (ОН), неодамна се пронајдени 8 масовни гробници во Тархуна и околината, подрачје кое се користеше како центар за операции и снабдување на милицијата „Кафтер“.
Либиската Влада ја повика меѓународната заедница во земјата да ги испита злосторствата на „експлозии во цивилни подрачја, стапици со мини, вонсудски егзекуции, манипулација со телата на жртвите, тортура“.