Mücahit Aydemir
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
ТРИПОЛИ (АА) – Продолжуваат протестите на илјадниците Либијци што излегоа на улиците во четвртокот во знак на протест против влошените услови за живот во градот Бенгази, центарот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија и на нивниот водач Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Населението на Бенгази повторно излезе на улиците во знак на протест против влошените услови за живот, особено поради прекините на електричната енергија, корупцијата, високите трошоци за живот, неисплатените плати и прекините на вода.
На фотографиите споделени во локалниот печат и објавите на активистите на социјалните мрежи се гледа дека демонстрантите запалиле автомобилски гуми и ги блокирале патиштата.
Во Бенгази, вториот по големина град во Либија по главниот град Триполи и центар на силите на Хафтар, за време на демонстрациите беа палени фотографии на Хафтар.
Исто така се извикуваа слоганите: „И да живееме и да умреме ние ја сакаме нашата чест“, „Еј Бенгази!, Револуција, револуција. Ти го украдоа богатството, не остана надеж“ и „Отворете ги нафтените постројки“.
Сите градови на Либија, земјата со најголеми резерви на нафта на африканскиот континент, имаа прекини на електричната енергија до 20 часа на ден.
Во Либија, Калифа Хафтар од јануари ги држи затворени нафтените извори и постројките во источните делови на земјата.
Бидејќи милициите на Хафтар го запреа производството и извозот на нафта, Либија е лишена од приходите од нафтата, кои сочинуваат над 90 проценти од нејзината економија.
Со тоа земјата претрпе загуба од скоро 10 милијарди долари од почетокот на годинава.