Ömer Faruk Yıldız
21 Јуни 2021•Ажурирај: 22 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Генерал Мин Аунг Хлаинг, лидерот на воената администрација, кој ја зазеде власта со воен удар во Мјанмар, ја посети Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на телевизијата „МРТВ“, еден од медиумските органи на армијата на Мјанмар, се наведува дека генералот Хлаинг вчера со приватен авион го напуштил главниот град Непидо за да замине во Русија.
Се истакнува дека Хлаинг ја посети Русија „на покана на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу“ и дека ќе присуствува на Меѓународната конференција за безбедност што ќе се одржи во главниот град Москва.
Посетата на Хлаинг на Русија се случува еден ден по повикот на Обединетите нации за ембарго за оружје за Мјанмар.
Во мај, високи претставници на армијата на Мјанмар присуствуваа на саемот за хеликоптери во Москва.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 872 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.