Yusuf Özcan
21 Јуни 2017•Ажурирај: 22 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Исламскиот совет на Франција (CFCM) синоќа организираше традиционален ифтар во Париз на којшто присуствуваа голем број француски политичари и официјални лица, меѓу кои и претседателот на таа земја, Емануел Макрон, и министерот за внатрешни работи, Жерар Колом, јавува Anadolu Agency (AA).
По десет години пауза, Макрон како претседател на државата присуствуваше на ифтарот на Исламскиот совет на Франција. Последен претседател кој присуствувал на ифтарот беше Николас Саркози, пред точно една деценија.
На Парискиот ифтар присуствуваа и верските лидери во Франција, како и претставниците на дипломатските мисии на многу земји.
Во обраќањето пред присутните, францускиот претседател Макрон истакна дека исламот и муслиманите се исто така жртви на тероризмот којшто сака да зададе длабоки рани во односите меѓу муслиманите и припадниците на другите верски групи. Тој додаде дека Исламскиот совет на Франција дава добар одговор залагајќи се за единство и солидарност, а ифтарот во центарот на Париз го оцени како одличен пример за тоа.
„Во Франција не постојат муслимани на една, а Французи на друга страна, туку се како едно, слободни и рамноправни. Муслиманите имаат право слободно да живеат и да ги исполнуваат своите верски обврски. Француските институции се должни тоа да им го овозможат“, порача Макрон.
Претседателот на Исламскиот совет на Франција, Анвар Кбибек, им се заблагодари на претседателот Макрон и на другите високи поканети гости за одговорот на поканата, и порача дека муслуманите најостро го осудуваат тероризмот и оти терористичките напади немаат никаква врска со која било религија и вредности.