Ekipa
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
ДОХА (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го признае Ерусалим како главен град на Израел е еднострана постапка, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлуката на САД за Ерусалим е еднострана. Оваа одлука не ја потврдуваме и ја осудуваме поради тоа што е спротивна на меѓународното право“, изјави Макрон за новинарите по состанокот со катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад aл-Тани во Доха.
Тој нагласи дека одлуката на Трамп не е во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
„Оваа одлука е спротивна на резолуциите кои ги усвои Советот за безбедност на ОН. Франција својот став во врска со ова прашање ќе го соопшти пред Советот за безбедност на ОН“, изјави Макрон.
Тој истакна дека решението во врска со прашањето за Ерусалим мора да биде постигнато со преговорите меѓу Израел и Палестина.
„Во тој контекст, прашањето за Ерусалим би можело да се решава во рамките на ОН. Франција претходно го изнесе својот став за тоа. Сметаме дека дводржавното решение е возможно, а Ерусалим може да биде главен град на двете земји“, изјави францускиот претседател.
Трамп на синоќешната прес-конференција соопшти дека е време Ерусалим официјално да биде признаен како главен град на Израел. Американскиот претседател во таа пригода кажа дека веќе ѝ дал инструкции на американската администрација да започне со подготовките за преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.