Ali Makram Ghareeb
06 Мај 2026•Ажурирај: 06 Мај 2026
Во ирачкиот град Киркук, 67-годишниот Џемал Али со години му вдахнува форма на ладното железо, создавајќи мечеви со кои се обидува да го одржи жив „заветот на своите предци“, пишува Анадолу.
Џемал Али е еден од ретките преостанати мајстори кои сè уште ја негуваат речиси заборавената вештина на рачната изработка на мечеви, работејќи во својот дуќан на улицата Салахадин во историската населба Мусала.
Мечевите што овој мајстор ги создава со многу трпение во својот стар дуќан, денес се барани како украси за домовите или како посебни подароци за ценети личности.
Иако веќе три децении изработува ловечки ножеви и опрема, негова посебна страст е оживувањето на мечевите кои се користеле во епохите на Абасидите, Селџуците и Османлиите.
– Потребни беа шест месеци за да се изработи „Зулфикар“ -
Користејќи главно челик за своите дела, Али неодамна се посветил на создавање верна реплика на „Зулфикар“ – легендарниот меч на калифата Али. Со поддршка од историчари и експерти, тој ја завршил оваа макотрпна работа по повеќе од шест месеци посветеност.
Во разговор со новинарот на Анадолу, Али сподели дека уште од младоста, кога почнал да го учи ковачкиот занает, почувствувал силен копнеж кон изработката на мечеви и ками.
Занаетот почнал да го учи од старите мајстори во историската чаршија во Киркук, нагласувајќи дека за него ова не е само професија, туку „страст и чиста уметност“.
– Уметнички дела за украс и спомен -
Мајсторот објаснува дека оние кои ги купуваат неговите мечеви најчесто ги чуваат како скапоцен украс во домовите. Мечевите со обележја од османлискиот и абасидскиот период се особено претпочитани кога станува збор за подароци наменети за државници и видни личности.
Присетувајќи се на своите почетоци, Џемал Али вели:
„Уште од млад ме привлекуваше изработката на реплики на предмети што наликуваат на мечевите, камите и опремата за лов од пред многу векови. Одев во чаршијата каде што изработуваа ками во Киркук и со восхит гледав во нивните раце. Така почнав да учам. Правев многу грешки додека учев, но штом го совладав, мојата најголема цел стана да не дозволам наследството од предците да исчезне и да ја продолжам оваа уметност со сето свое срце.“