Dildar Baykan
12 Февруари 2020•Ажурирај: 14 Февруари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американските и германските медиуми објавија извештај во кој се наведува дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Германската разузнавачка служба (BND) заедно поседувале компанија во Швајцарија со чие посредство прислушувале повеќе од 120 држави и нивните официјални претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори, весникот „Вашингтон пост“ и медиумската куќа ЗДФ (ZDF) објавија текст во кој се наведува дека ЦИА и БНД тајно ја поседувале швајцарската компанија „Крипто АГ“ (Crypto AG), која со децении на владите низ светот им продавала комуникациски уреди и технологии.
ЦИА и БНД беа сопственици на таа компанија од завршувањето на Втората светска војна до почетокот на 2000-тите години. Со продажбата на уредите, двете разузнавачки служби со децении можеле да пресретнат комуникации во повеќе од 120 држави коишто ги користеле уредите од Швајцарија, вклучувајќи ги и Турција, Пакистан, Иран и Индија.
Истите извори тврдат дека ЦИА и БНД на тој начин сакале да извршат т.н. „разузнавачки пуч на векот“.
Во документите што ги добија медиумите исто така се наведува дека САД и Западна Германија заработиле многу пари така што пресретнатите пораки и информации ги продавале на трети држави.
Токму поради недоразбирањето во делењето пари и намерите БНД да прислушува некои американски сојузници, БНД во 90-тите години се повлече од швајцарската компанија, а ЦИА како сопственик на двата дела остана до 2018 година.
Неодамна од компанијата објавија дека немаат никаква поврзаност со ЦИА и БНД. Разузнавачките куќи досега не ги коментираа наводите на медиумите.