Diyar Güldoğan
09 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) продолжува да ги проверува и следи обврските на Иран во рамките на Договорот за нуклеарна програма од 2015 година, изјави денеска официјален претставник, јавува Anadolu Agency (AA).
„Агенцијата продолжува да ги проверува и следи иранските нуклеарни обврски во рамките на Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA). Навремено ќе го известувам Одборот за понатамошните релевантни случувања“, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Корнел Ферута, на состанокот на Управниот одбор во Виена.
Ферута рече дека в недела ќе го посети Техеран за преговори со високите официјални претставници на Иран и дека бил информиран за последните активности на Иран поврзани со истражувањето и развојот на центрифугата.
Иранскиот претседател Хасан Рохани минатата недела изјави дека Иран наскоро ќе го преземе третиот чекор во намалување на своите обврски во рамките на Договорот за нуклеарната програма, како одговор на европските земји кои не успеаа да ги исполнат своите обврски.
Договорот за нуклеарната програма, исто така познат и како Заеднички сеопфатен договор за иранската нуклеарна програма (JCPOA) е потпишан во 2015 година меѓу Иран, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија.
Иран сега инсистира на тоа дека Европа мора да пружи дополнителна економска поддршка доколку сака да го спаси Договорот, откако Соединетите Американски Држави (САД) се повлекоа во мај 2018 година.
„Важно е да ги унапредиме нашите интеракции и во однос на тоа, јас исто така ја истакнав потребата Иран веднаш да одговори на прашањата на Агенцијата поврзани со комплетноста на иранските декларации за заштита. Агенцијата ќе ги продолжи своите напори и ќе остане активно ангажирана. Времето е од суштинско значење“, додаде генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Корнел Ферута.
- „Нуклеарните активности на Северна Кореја сериозно загрижуваат“ -
Осврнувајќи се на Северна Кореја, Ферута рече дека нуклеарните активности остануваат причина за сериозна загриженост.
„Продолжувањето на оваа програма е јасно прекршување на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, додаде тој.
Ферута, исто така рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија е подготвена да игра суштинска улога во потврдувањето на нуклеарната програма на Пјонгјанг, доколку се постигне политички договор меѓу засегнатите земји.
„Ја повикувам [Северна Кореја] целосно да ги почитува своите обврски согласно релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, да соработува навремено со Агенцијата и да ги реши сите нерешени прашања“, додаде тој.