Faisal Mahmud
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
Мјанмар првпат призна дека речиси 309.000 бегалци Рохинџи во Бангладеш се поранешни жители на државата Аракан, наведувајќи дека ќе им биде дозволено да се вратат откако ќе се подобрат безбедносните услови во регионот погоден од конфликт, пренесува Aнадолу.
Министерството за надворешни работи соопшти дека е потврдено оти 308.975 раселени лица се поранешни жители на Аракан, што претставува значаен чекор во долгогодишните напори за враќање на бегалците Рохинџи од Бангладеш.
„Мјанмар ќе ги прими раселените лица за кои е потврдено дека се поранешни жители на државата Аракан кога безбедносната ситуација таму ќе стане постабилна“, соопшти Министерството.
Неколку обиди на Бангладеш и Мјанмар да започнат со репатријација не успеаја, при што досега не се реализирани враќања во поголем обем поради загриженоста за безбедноста, државјанството и основните права.
Процесот дополнително е отежнат поради борбите меѓу армијата на Мјанмар и Араканската армија, која презеде контрола врз големи делови од Аракан.
Рохинџите, претежно муслиманско малцинство во Мјанмар, долго време се соочуваат со дискриминација, прогон и немаат државјанство. Стотици илјади лица го напуштија Мјанмар од 2017 година по насилните воени акции и нападите на вооружени групи.
Повеќе од 1,3 милиони Рохинџи побарале засолниште во соседниот Бангладеш, а други тргнале на опасни патувања по море кон земји како Индонезија и Малезија.
Бангладеш инсистира дека репатријацијата мора да биде доброволна, безбедна и одржлива, а Рохинџите бараат гаранции за државјанство, безбедност и основни права пред да се вратат.