Alma Çekovic
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
СТОКХОЛМ (АА) - На Шведска годишно ѝ се потребни 64.000 мигранти за да го спречи нарушувањето на економскиот раст, предизвикан од недостатокот на стручна работна сила, соопшти Шведскиот завод за вработување, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот директор на Заводот за вработување на Шведска, Микаел Сјоберг, за државната телевизија Си-ви-ти (SVT) изјави дека недостигот на стручна работна сила наредната година може да ѝ наштети на Шведска.
Од канцеларијата за вработување наведуваат дека поради недостиг na работна сила, потребен е поголем број странски работници.
„Стапката на наталитет во Шведска е многу ниска. Домашното население се намалува. Со цел да се зголеми понатамошниот раст, потребна е работа, а со тоа побројна популација“, изјави за шведскиот „Локал“ Јохан Бизман од Заводот за вработување.
Тој додаде дека некои компании веќе ги чувствуваат последиците од недостатокот на работна сила, нагласувајќи дека овој проблем ќе порасне следната година.
„Недостигот на работна сила веќе влијае врз јавниот сектор, а следната година сè повеќе бизнисмени ќе ги почувствуваат последиците. Голем број приватни компании, исто така, се погодени од овој проблем, што ќе порасне следната година“, рече Бизман.
Според шведскиот Завод за вработување, намалување на бројот на луѓето кои го напуштаат средното образование пред неговото завршување, како и зголемувањето на старосната граница за пензионирање се начините на кои може да се олесни ситуацијата, но истакнува дека за долгорочно решение е потребна миграцијата.
Според податоците на Заводот за вработување на Шведска, сè поголем е бројот на работни места во земјата што ги добиваат лица родени надвор од Шведска.