Ayhan Şimşek
27 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
БЕРЛИН (АА) - Над сто германски дипломати, државни службеници и наставници треба да ја напуштат Русија во наредните денови поради растечките тензии меѓу Берлин и Москва, објавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според весникот „Зидојче цајтунг“, Русија поставила лимит на бројот на државни службеници што работат во германските дипломатски претставништва и културни центри во земјата.
Германски дипломати, кои сакаа да останат анонимни, за весникот изјавија дека одлуката може да влијае врз неколку стотици државни службеници, меѓу кои дипломати, експерти, како и наставници од културната организација - Институтот Гете.
Одлуката на Москва дојде откако Берлин побара над 30 руски дипломати да ја напуштат земјата во април, обвинувајќи ги дека работат како разузнавачи.
Односите на Германија со Русија се затегнати поради војната во Украина. Берлин ја обвинува Москва за воени злосторства, запирање на билатералната соработка и воведување строги економски санкции.
Коалициската Влада на канцеларот Олаф Шолц вети силна политичка и економска поддршка за Киев и ѝ испорачува оружје на Украина од избувнувањето на војната минатата година.