Ekip
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Руското признавање на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск би било уште едно несомнено кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, предупредија денеска министрите за одбрана на НАТО, додека Алијансата и Москва тргуваа со тврдења и контратврдења за руските војници кои се наоѓаат на украинската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
На вториот ден од состанокот на Алијансата, министрите за одбрана во изјавата се согласија дека признавањето би било „понатамошно бесрамно кршење на територијалниот интегритет и суверенитет и на Договорите од Минск“, и ќе ги поткопа меѓународните напори за посредување предводени од Германија и Франција во таканаречениот „Формат Нормандија“ за да се најде политичко решение за конфликтот во источна Украина.
Од 2014 година, регионите се зафатени со насилство од страна на сепаратисти поддржани од Русија.
По состанокот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, им изјави на новинарите: „И покрај тврдењата на Москва, ние досега не видовме знаци на повлекување или деескалација“, отфрлајќи ги руските тврдења за делумно повлекување на некои од 100-те илјади војници на украинските граници.
Столтенберг објасни дека ситуацијата е опасна бидејќи Русија има „доволно војници, доволно капацитети да започне целосна инвазија против Украина со многу малку или пак без воопшто време за предупредување“.
Но тој, исто така, ја спомна нејасноста на ситуацијата, зашто инвазијата можеби е неизбежна, но сепак не се случила, велејќи: „Ние знаеме за [руските] капацитети, но секако не знаеме со сигурност за нивните намери. Останува да видиме што точно тие прават.“
‒ Сепаратисти во Грузија поддржани од Русија
Забелешките дојдоа откако министрите за одбрана на НАТО одржаа седница со нивните украински и грузиски колеги за да ја проценат заканата на Русија и поддршката на НАТО за неговите партнери.
Министрите исто така разговараа за руското присуство во сепаратистичките грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија, како и за неодамнешното гласање во руската Дума со кое се препорачува признавање на сепаратистички отцепените области Доњецк и Луганск од Украина како независни држави.
Тој, исто така, потврди дека НАТО допрва треба да го добие одговорот на Русија на неговата покана да ги продолжат разговорите за европската безбедност, контролата на оружјето и воената транспарентност, но истакна дека Советот НАТО ‒ Русија е „најдобрата платформа“ за одржување разговори.
‒ Прашање кое трае долго време
Во 2014 година, заедно со инвазијата на украинскиот полуостров Крим, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната власт, политика која ја одржува седум години.
САД со своите европски сојузници предупредуваат дека Русија се подготвува за агресија против Украина откако собра повеќе од 100.000 војници и тешка опрема во и околу нејзиниот сосед.
Негирајќи дека се подготвува да нападне, Русија ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Во вторникот Русија објави дека некои од нејзините војници во западните и јужните воени области започнале да се повлекуваат, но САД го велат спротивното, дека Русија испраќа повеќе војници во регионот.
Долниот дом на рускиот Парламент, Државната Дума, истиот ден гласаше за признавање на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск како независни држави.