Nuri Aydın
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
АНКАРА
Началникот на Генералштабот на САД, генерал Марк Мили, истакна дека се „загрижувачки“ наводите дека Кина тестира хиперсонична ракета, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мили, во изјава за „Блумберг њуз“ (Bloomberg News), се осврна на наводите дека Кина тестирала хиперсонична ракета.
Нагласувајќи дека кинеското тестирање на хиперсоничен ракетен систем е „важна ситуација“, Мили ова тестирање го опиша како „многу загрижувачкo“.
Тој посочи дека кинеските воени напори од овој вид укажуваат на потребата исто така и САД да ги развијат сопствените напори, при што рече: „Посветивме целосно внимание.“
Меѓу другото, генералот Мили предупреди дека кинеската војска станала „многу способна армија со глобални амбиции која ги покрива сите области“.
Портпаролот на американското Министерство за одбрана (Пентагон) Џон Кирби, по изјавите на Мили нагласи: „Оваа технологија не е нешто со кое ние не сме запознаени и за која не размислуваме.“
Кирби наведе дека САД продолжуваат со напорите за зајакнување на своите одбранбени системи и имаат цели за сопствени хиперсонични системи.
Американскиот претседател Џо Бајден исто така претходно изјави дека е загрижен поради наводите дека Кина тестира хиперсонична ракета.
Весникот „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), во веста на 16 октомври, повикувајќи се на пет извори кои не сакале да бидат именувани, тврдеше дека Кина тестирала хиперсонична ракета во јули.
Во веста се тврдеше дека проектилот се искачил на ниската Земјина орбита, но ја промашил целта со мало отстапување.